09.08.2023 Скопје
Поранешниот пакистански премиер Имран Кан, кој беше осуден на затвор за корупција, официјално доби забрана да учествува во политиката во следните пет години од Изборната комисија на Пакистан.
„Имран Ахмад Кан Нијази е дисквалификуван (од политичкиот живот) за период од пет години“, се наведува во официјалниот документ.
Според пакистанскиот закон, осуденото лице не може да се кандидира за ниту една јавна функција во период определен од Изборната комисија, најмногу пет години од денот на изрекувањето на пресудата.
„Знаевме дека ова е неизбежно“, рече помошникот на Кан Зулфикар Бухари и потврди дека партијата ќе ја оспори оваа одлука на повисока судска инстанца.
Кан (70) беше уапсен во својот дом во Лахоре и одведен во затвор во близина на Исламабад, но неговиот правен тим поднесе жалба до Вишиот суд во Исламабад за да ја поништи пресудата, рече неговиот адвокат Наим Панџута.
Во жалбата, меѓу другото, се наведува дека судот го отфрлил списокот на сведоци на одбраната ден пред да биде изречена пресудата, со оценка дека се работи за „грубо кршење на правдата“.
Судот го забрза судењето откако Кан одби да присуствува на сослушувањата и покрај повеќекратните покани и налози за апсење.
Кан е во центарот на политичките превирања откако беше соборен од власт минатата година по гласањето недоверба во парламентот.
Подготвено од А.Ѓ.