niger evakuacija

02.08.2023 Скопје

Првите воени авиони кои евакуираа главно европски граѓани од Нигер по воениот удар, рано изутринава слетаа во Париз и Рим.

Поради ризикот од ескалација на конфликтот, Франција, Италија и Шпанија потврдија дека евакуацијата ќе се врши по воздушен пат. Прво, францускиот авион го напушти Нигер синоќа и рано изутринава слета во Париз со 262 патници.

Италијанците и другите странски државјани кои го напуштија Нигер, безбедно слетаа во Рим, исто така соопшти вицепремиерот и министер за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани.

Претходно, самиот Тајани најави полетување на специјалниот лет од Ниамеј, главниот град на Нигер, со италијански и странски државјани кои одлучија да ја напуштат африканската земја.

Безбедното враќање на 99 патници, Италијанци и странци, кои го напуштија Нигер е резултат на соработката меѓу Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка и Министерството за одбрана.

„Му благодарам на персоналот на Здружената оперативна команда (COVI) за совршената координација на операцијата“, истакна италијанскиот министер Крозето.

Подготвено од М.Н.

About Author