12.08.2023 Скопје
Тим од Медицинскиот универзитет во Лоѓ во Полска и Медицинскиот факултет на Универзитетот Џонс Хопкинс во САД откри дека придобивките од пешачењето важат за сите полови и возрасти, без оглед на тоа каде живеат.
Медицинските лица долго време тврдеа дека 10.000 чекори дневно се магичната бројка што е потребна за луѓето да бидат во форма и здрави, но ново истражување покажува дека помалку од 5.000 може да бидат доволни за да се има корист.
„Колку повеќе чекори, толку повеќе се гледаат здравствените придобивки“, велат истражувачите.
Тимот на истражувачите дојдоа до сознание дека повеќе од 2.300 чекори на ден се доволни за да имаат корист срцето и крвните садови.
Професорот Масиеј Банач, од Универзитетот во Лоѓ, истакна дека иако расте бројот на иновативни лекови за лекување, тие не се единствениот начин за подобро здравје.
„Верувам дека секогаш треба да нагласиме дека промените во животниот стил, вклучително исхраната и вежбањето, кои беа главниот адут на нашата анализа, може да бидат барем исто толку, или уште повеќе, ефективни во намалувањето на кардиоваскуларниот ризик и продолжување на животот“, додаде Банач.
Подготвено од М.Н.