17.08.2023 Скопје
Еден ден пред почетокот на собраниската седница за уставните измени, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, со писмо им се обрати на пратениците и ги потсети дека треба да одлучуваат за европската иднина на Република Северна Македонија.
Истовремено Османи ги уверува пратениците дека историските и идентитетските прашања не се дел од патоказите и одредниците од кои зависи отворањето и затворањето на поглавјата.
Османи им порача на пратениците дека од нив ќе зависи дали со прифаќање на промената на Уставот ќе продолжат разговорите по поглавјата за членство во Унијата или преговорите ќе запрат на подолг рок, до некоја нова шанса, без никаква гаранција за успех, поттикнувајќи го процесот на иселување на граѓаните кои бараат европска иднина за себе.
Министерот Османи додаде дека, секој човек и политичар би бил среќен да биде запаметен од историјата дека постапил правилно кога било најважно, дека бил на вистинската страна, дека не се колебал во одлуката со која помогнал земјата да оди напред, а луѓето во неа да живеат подобро.
Подготвено од М.Н.