07.08.2023 Скопје
Од Министерството за надворешни работи соопштија дека, претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи утре ќе ја започне посетата на Централна Азија, која ќе започне во главниот град на Узбекистан, Ташкент, и ќе оствари средба со претседателот Шавкат Мирзијоев.
Од МНР информираат дека, Османи ќе оствари средба и со министерот за надворешни работи на Узбекистан, Бахтијор Саидов, каде двајцата соговорници ќе имаат и заедничка прес-конференција, а во Ташкент ќе се сретне и со претставници на ОБСЕ Канцеларијата на проектниот координатор во Узбекистан.
Од Узбекистан, Османи ќе отпатува во Казахстан каде што исто така ќе има средби со официјалните државни лица, а ќе ја посети и Програмската канцеларија на ОБСЕ во Астана за одблиску да се запознае со активностите и проектите што ОБСЕ ги спроведува во Казахстан, информираат од МНР.
Министерот Османи ќе оствари средба и со претседателот на Казахстан, Касим Јомарт Токајев, со вице-премиерот и министер за надворешни работи на Казахстан, Мурат Нуртлеу, а во Астана ќе се сретне и со претставници на граѓанските организации, стои во соопштението од МНР.
Од Министерството за надворешни работи истакнаа дека регионот на Централна Азија е еден од приоритетите на ОБСЕ бидејќи е регион кој постојано се соочува со предизвици, сега засилени и со влијаението од воената агресија од Руската Федерација против Украина, како и од состојбата во Авганистан.
Подготвено од М.Н.