31.08.2023 Скопје
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш и Велика Британија го осудија воениот удар во Габон.
Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дижарик, изјави дека Гутереш ги има повикано бунтовниците да ја осигураат безбедноста на претседателот Али Бонго Ондимба и неговото семејство.
Дижарик во текот на вчерашниот ден истакна дека Гутереш внимателно го следи развојот на ситуацијата во Габон и дека со длабока загриженост ги следи извештаите за сериозни повреди на основните слободи по објавувањето на изборните резултати во таа африканска земја, по што беше извршен државен удар.
„Генералниот секретар на ОН ги повикува сите вклучени актери да покажат воздржаност, да се вклучат во дијалог и да обезбедат целосно почитување на владеењето на правото и човековите права“, рече Дижарик.
Велика Британија, исто така, го осуди „неуставното воено преземање“ во Габон и повика на обновување на владата, соопшти во средата Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој.
Бунтовниците во Габон го именуваа шефот на Републиканската гарда, генерал Брис Олиги Нгуема за привремен лидер.
Група високи офицери во вооружените сили на Габон во средата објавија на државната телевизија дека ја презеле власта во земјата.
Бунтовниците не го прифаќаат исходот од претседателските избори на 26 август кои резултираа со избор на претседателот Али Бонг Ондимбас за трет мандат.
Армијата соопшти дека претседателот е во домашен притвор опкружен со семејство и лекари.
Подготвено од А.Ѓ.