21.08.2023 Скопје
Германскиот канцелар Олаф Шолц, во интервју на националната германска телевизија, истакна дека го поддржава планот за делумно легализирање на канабисот за рекреативни цели.
Германската влада минатата недела усвои предлог-закон со кој се легализира канабисот за рекреативни цели.
Ова е дополнителен чекор напред за нацрт-законот кој, сепак, сега ќе треба да го разгледа Парламентот.
Законодавството предложено од извршната власт ќе овозможи купување, почнувајќи од 18-годишна возраст, до 25 грама канабис.
Според предлог-законот, ќе може да се одгледуваат и до три растенија канабис за лична употреба.
Новата легислатива предвидува создавање непрофитни здруженија чии полнолетни членови – нивниот број е ограничен на 500 – ќе можат да го одгледуваат растението за самостојно консумирање, под надзор на јавните власти.
Овие „Социјални клубови за канабис“, ќе имаат регулирана активност во однос на понудата и возраста на луѓето на кои ќе им се дистрибуира канабисот.
Во врска со нацрт-законот, министерот за здравство Карл Лаутербах планира да започне кампања за подигање на свеста наменета за младите луѓе за опасностите од канабисот за мозокот „особено штетно кога тој се уште е во период на раст“.
Подготвено од М.Н.