29.08.2023 Скопје
Со претфестивалска проекција на документарниот филм „Адио Југофилм, адио Југофестивал, адио Југославија… се гледаме во следната војна“ на култниот хрватски актер и режисер Игор Гало, вечер (29 август) во Кинотеката ќе започне третото издание на Фестивалот на нем и класичен филм.
Режисерот Гало ќе биде гостин на Фестивалот и пред проекцијата ќе зборува за своето творештво, но и за темата на неговиот филм – историјата на Филмскиот фестивал во Пула.
Официјалното отворање на Фестивалот ќе биде на 30 август со проекција на немиот филм „Калабака: тајните на непознатата Европа“ од 1928 година, што претставува еден вид кинематографски извештај за една експедиција на Балканот.
Филмската проекција на овој филм ќе биде дополнета со оригинална музичка изведба во живо на дуетот „Добрила и Доријан“.
Проекцијата на филмот „Калабака: тајните на непознатата Европа“ е во соработка со „Eye Filmmuseum“ од Амстердам, а како дел од таа соработка публиката, исто така, ќе може да го проследи и филмот „Брилијантниот биограф: најраните подвижни слики на Европа (1897 – 1902)“ – компилација на филмови од најголемата зачувана збирка на „Мутоскоп и Биограф“ во светот.
Фестивалот на нем и класичен филм, кој се одржува во Кинотеката, годинава ќе трае до 4 септември и ќе понуди извонредни филмски проекции на ретки филмски бисери и нови филмски реставрации.
Особено значајно е што оваа година гостинка на Фестивалот, покрај Гало, ќе биде и Елиф Ронген-Кајнакчи, куратор на неми филмови во „Eye Filmmuseum“ oд Амстердам.
Таа ќе одржи и две работилници – едната за идентификација на неми филмови, а другата за платформата за музички партитури за неми филмови – „Eye Film Player“ – која неодамна холандскиот филмски музеј ја направи достапна за јавноста − информираат од Кинотеката.
Оттаму додаваат дека покрај овие проекции, благодарение на соработката со Институтот „Гете“ во Скопје, дел од фестивалската програма ќе биде циклусот филмови на германскиот режисер Волкер Шлондорф.
Од депоата на Хрватската кинотека при Државниот архив на Хрватска, македонската публика ќе може да проследи три циклуси кусометражни филмови: анимираните филмови произлезени од Студиото за анимиран филм на „Загреб филм“, документарни и кратки играни филмови од хрватски автори, како и циклусот неми филмови во режија на хрватскиот филмски пионер Октавијан Милетиќ.
Во рамките на оваа програма, гостин на Фестивалот ќе биде и Јурај Кукоч, филмски архивист и филмски критичар од Загреб.
Покрај овие циклуси, на Фестивалот ќе бидат прикажани неми и класични филмови од архивот на Кинотеката. Музичката придружба на немите филмови ќе ја изведува македонскиот џез-пијанист, аранжер и композитор Гордан Спасовски.
На 4 септември, Фестивалот ќе се затвори со проекција на новодигитализираниот филм „Мементо“ од 1968 година во режија на Димитрие Османли, кој годинава беше дел од проектот „Сезона на филмските класици“, организирана од АЦЕ (Асоцијација на европските кинотеки).
Подготвено од М.Н.