17.08.2023 Скопје
Минатата училишна година немаше учебници по некои предмети, а наставниците импровизираа со привремени материјали, за кои државата се задолжи во Светска банка 640 илјади евра.
И оваа учебна година први септември учениците ќе го дочекаат со проблемите од минатата година, без навремено доставени учебници за трето и шесто одделение, за кои Министерството за образование и наука очекува дека ќе бидат доставени набргу по почетокот на оваа учебна година.
Министерството за образование и наука појаснува дека учебниците доцнат, бидејќи постапката за изработка и одобрување учебници, која е уредена со Законот за учебници во основното и средното образование, е сложен процес кој може да потрае и неколку месеци, па затоа доцнеле учебниците и минатата година.
Учебникот по Македонски јазик учениците го добија две недели пред крајот на школската година, а учебникот по Историја за петто одделение беше повлечен од употреба поради грешки во содржината.
Историчарите побараа веднаш да се повлече учебникот, бидејќи одредени содржини беа со неточни податоци, како што се географските карактеристики на државата, грешка во историската периодизација, лажни и нејасни факти …
Авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска со заедничко писмо тогаш информираа дека веднаш штом ги забележале грешките по печатењето апелирале да се направат исправки.
Во фаза на изработка на МОН е и посебен портал преку кој учениците ќе можат да симнуваат и користат дигиталните учебници.
Дигитална верзија ќе добијат сите учебници од четврто и погорните одделенија во основното образование и процесот на дигитализација ќе се одвива етапно.
Во седмо, осмо и деветто одделение ќе се користат веќе одобрените учебници од изминатите години, а материјалот ќе биде надополнет со новоиспечатени комплети во број колку што самите училишта пријавиле во текот на мај.
Подготвено од М.Н.