10.08.2023 Скопје
Новата омикронска подваријанта EG.5 „Ерис“ стана доминантен вид корона во САД.
Брзо се шири, а лекарите велат дека не претставува потешка клиничка слика. Сепак, тоа не е случај за старите, тешко хронично болни пациенти.
Во последната недела од јули, бројот на хоспитализирани пациенти со Ковид во САД достигна 9.056, што е зголемување за 12 отсто во споредба со неделата претходно.
Скокот на пациентите кои примаат болничко лекување не е толку голем ако се спореди со јануари, кога 44.000 луѓе завршија во болница во една недела или до крајот на јули 2022 година, кога за седум дена беа хоспитализирани 45.000. Во времето на ширењето на сојот омикрон, во јануари 2022 година, дури 150.000 заразени лица завршија во болниците во Америка.
„Гледаме помал пораст, но сè уште не треба да алармираме“, рече Дејвид Дауди, епидемиолог на Факултетот за јавно здравје на Универзитетот Џон Хопкинс.
Бројот на заразени веројатно се зголемува, но нема доволно податоци. Федералните власти ја укинаа вонредната состојба во мај, па Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) и различни држави повеќе не водат евиденција за бројот на позитивни тестови.
Симптомите на варијантата EG.5 omicron не се разликуваат од претходните. Има болки во грлото, течење на носот, кашлица, треска.
„Ерис“ дава лесна клиничка слика, но мора да се внимава на старите лица, тешките хронични пациенти, пациентите со малигни, кардиоваскуларни и пулмонални заболувања. Тие мора да бидат под посебно внимание и од лекарите и од семејствата.
Подготвено од А.Ѓ.