ecowas niger

30.08.2023 Скопје

Специјалниот советник на нигерскиот претседател за медиуми, Ајури Нгелале, изјави дека Нигерија и Економската заедница на западноафриканските држави нема да брзаат со можна воена интервенција во Нигер, нагласувајќи дека воената опција е последна опција, а не следен чекор.

„Шефовите на државите од ECOWAS се согласија дека треба да се разгледаат сите опции за да се врати законот и редот во Нигер, но воената интервенција не е нешто на што ЕCOWAS ќе брза. Ние утре нема да му објавиме војна на нашиот сосед. Воената опција е последното средство, а не следен чекор“, истакна Нгелале.

Како што наведе, санкциите на ECOWAS против Нигер не функционираат и таа организација и нејзината членка Нигерија се плашат дека овие ограничувања можат да влијаат на граѓаните на Нигер, поради што, додаде, продолжуваат разговорите за минимизирање на штетата.

„Ние не сме во конфликт со народот на Нигер. Ова е конфликт со група бунтовници, група луѓе кои го земаа во заложништво демократски избраниот претседател Мохамед Базум заедно со неговото семејство за да ја преземат власта. Ќе ги олесниме санкциите како колку што е можно да се намали нивното влијание врз граѓаните на Нигер“, рече Нгелале.

Кон крајот на јули, група воени бунтовници во Нигер најавија смена на претседателот Мохамед Базум.

Тие потоа го формираа Националниот совет за заштита на татковината (ЦНСП) за управување со земјата, на чело со генералот Абдулрахман Тијани.

Водачите на ECOWAS побараа од бунтовниците да го ослободат Базум и предупредија на потенцијално воено решение на ситуацијата доколку тој не биде ослободен.

Дополнително, ECOWAS го суспендираше членството на Нигер во организацијата и воведе строги санкции кон земјата, суспендирајќи ги сите финансиски трансакции со Нигер и замрзнувајќи ги средствата на земјата во централните банки на земјите од ЕCOWAS.

Исто така, Нигерија го прекина снабдувањето со електрична енергија за Нигер.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author