14.08.2023 Скопје
Прес-службата на руската вселенска агенција „Роскосмос“ соопшти дека научните инструменти на руското вселенско летало „Луна-25“ денеска ги извршија првите мерења и испратија податоци поврзани со летот до Месечината, кои научниците почнаа да ги обработуваат.
Во соопштението за медиумите се наведува дека првите мерења на научната опрема развиена од Институтот за вселенски истражувања на Руската академија на науките биле извршени во услови на вселенски лет.
Вселенското летало „Луна-25“ за пет дена ќе влезе во орбита висока околу 100 километри.
Русија на 11 август го лансираше своето прво лунарно вселенско летало по 47 години, со цел да биде првата земја што слета на јужниот пол на Месечината, која може да има значителни наслаги на мраз.
Ракетата „Сојуз 2.1v“ што го носи вселенското летало „Луна-25“ полета од космодромот „Восточни“ на 11 август и ќе слета на Месечината до 21 август, објави руската вселенска агенција Роскосмос.
Оваа руска лунарна мисија е прва од 1976 година.
Роскосмос соопшти дека Луна-25, тешка 1,8 тони, ќе биде на Месечината најмалку една година и ќе собира примероци.
Американскиот астронаут Нил Армстронг се стекна со слава во 1969 година како првиот човек што чекорел на Месечината, но советскиот вселенски брод „Луна-2“ беше првото летало што стигна до површината на Месечината во 1959 година, а мисијата „Луна-9“ беше во 1966 година, таа беше првата што направи меко слетување на Месечината.
Големите сили како САД, Кина, Индија, Јапонија и ЕУ ја истражуваат Месечината во последниве години, иако јапонското слетување на Месечината не успеа минатата година, а мисијата на Израел не успеа во 2019 година.
Ниту една земја сè уште не направила меко слетување на јужниот пол на Месечината, а Русија сега ќе се обиде да го стори тоа.
Грубиот терен го отежнува слетувањето на јужниот пол на Месечината, но откривањето на воден мраз би можело да биде историско бидејќи може да се користи за екстракција на гориво и кислород, како и за вода за пиење.
Подготвено од А.Ѓ.