05.08.2023 Скопје
Денеска поради поплавите во Словенија на сила е црвен метео аларм во поголем дел од земјата, со исклучок на Приморска, на запад.
Поради високиот водостој на Сава, кампот во Чатешки Топлице е евакуиран во текот на ноќта, а Чрна во Корушка е отсечена од светот.
Нивото на реките во централна и источна Словенија продолжува да расте по врнежите во текот на ноќта.
Во општините Брежице и Кршко пожарникарите поставија вреќи против поплави.
Сава веќе во петокот вечерта го поплави помошното фудбалско игралиште во Кршко.
Словенечката армија во текот на претпладнето ќе се обиде да се пробие до Чрна во Корушка, каде луѓето се без вода, струја и сигнал од мобилниот телефон.
Советот за национална безбедност ќе заседава во 11 часот, по што ќе следи итна седница на владата.
„По седницата на Владата во сабота ќе поднесеме измена на законот за отстранување на последиците од елементарни непогоди“, најави во петокот вечерта премиерот Роберт Голоб, нагласувајќи дека на овој начин ќе се олесни помошта за општините.
Ќе се разгледа и можноста за отворање продавници во недела за луѓето денеска да не излегуваат од домовите и непотребно да се изложуваат на опасност.
Безбедноста на граѓаните е на прво место, рече Голоб, наведувајќи дека ова е веројатно најтешката природна катастрофа што ја погоди Словенија во изминатите три децении.
Голоб рано го заврши летниот одмор за да се сретне со претставници на Управата за цивилна заштита и помош при катастрофи во петокот попладне.
Од нуклеарната централа Кршко во петокот соопштија дека електраната работи безбедно и стабилно и дека поради високиот проток и високото ниво на реката Сава будно ја следат состојбата, а персоналот на централата е во готовност.
Сите надлежни служби работат на отстранување на тешките последици од невремето кое однесе три животи.
Според потврдени информации од полициската управа, една жена била однесена од вода во областа Камник, а двајца холандски планинари загинале од гром во планините во областа Крање.
Службата на ЕУ за управување со вонредни ситуации Коперник беше активирана на барање на словенечките власти за да помогне во одговорот на тековните големи поплави и одрони во земјата, објави вчера европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчич на социјалната мрежа „Х“, порано позната како Твитер.
Набљудувањето на ситуацијата поддржано од сателит ќе помогне во случај на катастрофа и на другите власти да одговорат на силните поплави кои го зафатија поголемиот дел од земјата.
Подготвено од А.Ѓ.