17.08.2023 Скопје
Утрешниот самит меѓу лидерите на САД, Јапонија и Јужна Кореја би можел да доведе до договор за воспоставување „тронасочна“ телефонска линија за итни комуникации, соопшти Курт Кембел, координатор за индо-пацифички прашања на Советот за национална безбедност на САД.
Целта на самитот, објасни Кембел, е да се направи трилатералната соработка, многу поширока и подлабока со усвојување мерки за да се избегнат какви било назадувања по неодамна постигнатиот напредок.
Џон Кирби, координатор за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност, исто така, нагласувајќи ја историската важност на состанокот, истакна дека водачите ќе се фокусираат на начините за институционализирање на трилатералната соработка.
Американскиот претседател Џо Бајден утре во Кемп Дејвид ќе биде домаќин на јапонскиот премиер Фумио Кишида и на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол.
На самитот, според соопштението од Белата куќа, лидерите ќе отворат ново поглавје во нивните трилатерални односи, и блиските билатерални врски САД-Јапонија и САД-Јужна Кореја ќе бидат потврдени.
Состанокот ќе послужи за промовирање на заедничка визија за справување со глобалните и регионалните безбедносни предизвици, промовирање на меѓународен поредок заснован на правила и подобрување на економскиот просперитет.
Тројцата лидери ќе разговараат за проширување на трилатералната соработка во Индо-Пацификот и пошироко, вклучително и за справување со заканата што ја претставува Кина и зајакнување на врските со Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) и Пацифичките острови.
Во рамките на подготовките за самитот, на 15 август беше одржана видео конференција меѓу американскиот државен секретар Антони Блинкен, јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши и јужнокорејката Парк Џин.
Тројцата соговорници, како што се наведува во соопштението на јапонското Министерство за надворешни работи, го поздравиле неодамнешниот напредок на соработката меѓу нивните земји и ја истакнале неговата важност не само за справувањето со Северна Кореја, туку и за мирот и стабилноста во регионот.
Подготвено од М.Н.