17.08.2023 Скопје
Украина нема да се откаже од своите територии за да влезе во НАТО, генералниот секретар на Атлантската алијанса, Јенс Столтенберг, има јасен став по ова прашање, изјави министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, коментирајќи ги изјавите дадени пред два дена на шефот на кабинетот на Столтенберг, Стијан Јенсен, според кои Украина би можела да стане членка на Алијансата во замена на териториите кои се тековно окупирани од Русија.
„Одржуваме многу блиски односи со Столтенберг и ве уверувам дека ставот на генералниот секретар е апсолутно јасен и потполно ист како во Украина, не може да има трговија поврзана со украински територии“, истакна министерот.
Шефот на украинската дипломатија нагласи и дека раководството во Киев работи на тоа земјата да се приклучи на НАТО што е можно поскоро и не разговара за можни алтернативни опции.
Јенсен доцна синоќа се наврати на своите изјави, извинувајќи се на Украина за кажаното, дефинирајќи ги неговите зборови како „грешка“.
Подготвено од М.Н.