30.08.2023 Скопје
Замрзнувањето на движните и недвижните средства на руските граѓани може да доведе до големи проблеми за земјите каде што се наоѓаат овие средства, особено во Европа.
Најживописен пример е запленувањето на јахтите на богатите Руси, поради што земјите каде што се укотвени се во неволја. Овие луксузни пловила бараат многу грижа, придружена со редовно одржување, а некои чинат и по 1.000 долари дневно.
Доколку јахтите не се одржуваат правилно, сопствениците се закануваат со тужби, а државите се изложени на огромни трошоци бидејќи мораат да ги одржуваат во состојбата во која ги заплениле.
Одржувањето на една суперјахта може да чини повеќе од 100 милиони долари – во спротивно се заканува еколошка катастрофа.
Додека не заврши војната во Украина, тие мора да се сервисираат, подмачкуваат и чистат секој ден. Нивниот мотор и другите метални делови рѓосуваат, неактивна климатизација предизвикува мувла во кабините, одржувањето на сите системи на бродот – од десалинизатор до пумпи – мора да се врши редовно.
Бродот мора да се мие најмалку еднаш неделно за да се измие солта и нечистотијата и на тој начин да се избегне пребојување од повеќе милиони долари.
Осигурителните компании бараат редовно одржување, а плаќањето за полиса што го штити бродот од тонење, поплави или пожар е дополнителна огромна ставка. Има и пристанишни такси, кои за вакви пловни објекти, кои во САД изнесуваат речиси 1.000 долари дневно, годишниот трошок за чување на руска јахта вкотвена во американско пристаниште е околу 10 милиони долари.
Според најконзервативните проценки, само владите на САД и Италија треба да плаќаат најмалку 50 милиони долари годишно за одржување на запленетите бродови од богатата руска флота.
Во марината „Порто Монтенегро“ во Тиват, Црна Гора, се наоѓа суперјахта „Луминосити“ на Андреј Г.Гурјев, еден од руските олигарси кој е на списокот за санкции.
Јахтата на Гурјев, која е под знамето на Кајманските Острови, е проценета на околу 120 милиони евра. Поради санкциите, Гурјев не може да плати за одржување на оваа мега јахта, па пловилото е практично напуштено и за него мора да се грижи марината „Порто Монтенегро“ или државата Црна Гора.
Во моментов е тешко да се процени за колку пари станува збор, но на веб-страницата „Порто Монтенегро“, како еден од советите на кои сопствениците мора да внимаваат, стои дека „доколку јахтата е активна на Медитеранот, вкупниот трошок за одржување на годишно ниво може да биде околу 770.000 долари, додека трошоците за управување може да бидат за 15 проценти повисоки од вкупниот износ“.
Експертите го нагласуваат и задолжителното осигурување на пловилото кое потоа води до сума од над милион долари.
Постои можност Гурјев да поднесе тужба до некој од меѓународните судови.
Да потсетиме, 20 руски олигарси, а по се изгледа ќе ги има уште, ја тужат Европската унија затоа што биле казнети со одземање на луксузните вили и одземање или протерување на јахтите од најатрактивните марини во светот.
Управата за катастар и државен имот донесе соодветни решенија за 44 недвижности во Црна Гора со кои се ограничува располагањето со имотот. 34 од нив се однесуваат на руски државјани кои се санкционирани.
Подготвено од А.Ѓ.