03.08.2023 Скопје
Инвазијата над Тајван од страна на Кина би имала „погубни резултати“ за целиот свет, изјави министерот за надворешни работи на Тајван, Џозеф Ву, нагласувајќи ја стратешката важност на островот за полупроводничката индустрија и за поморскиот сообраќај на стоки.
Тајванскиот министер тврди дека е неопходно да и се објасни на меѓународната заедница дека секој конфликт што го вклучува Тајван ќе има катастрофални исходи за остатокот од светот, во однос на недостигот на храна, енергија и неконтролирана инфлација, со многу поголеми размери од конфликтот во Украина.
Министерот особено потсети дека преку тајванскиот теснец минува над 50 отсто од светскиот поморски сообраќај на стоки и поради оваа причина слободата на пловидба во регионот е еден од клучните елементи за меѓународната безбедност и просперитет.
Тајван заедно со Јужна Кореја, се први во светот во производството на микрочипови, кои исто така се суштинска компонента на напредните економии.
„Се надеваме дека кинеската влада нема да прибегне кон употреба на сила против Тајван, бидејќи влијанието би било премногу сериозно за светот“, истакна министерот Џозеф Ву.
Подготвено од М.Н.