gzeda sostanok miroven dogovor ukraina

07.08.2023 Скопје

По дводневниот состанок во Саудиска Арабија, Кина соопшти дека е подготвена да учествува во понатамошни меѓународни иницијативи за решавање на војната во Украина.

Оваа информација ја пренесоа извори од Европската Унија коментирајќи го напредокот на состанокот одржан викендов во Џеда и фокусиран токму на мирот во Украина, во кој учествуваа различни земји, меѓу кои Бразил, Кина и Индија.

Присутните европски делегати го поздравија „конструктивното“ учество на Кина на настанот, на кој не присуствуваа претставници на Руската Федерација.

Присуството на делегати од Пекинг, кои неколку недели претходно одбија да учествуваат на слична преговарачка маса во Копенхаген, земјите учеснички на самитот во Џеда го сфатија како позитивен фактор.

Според европски дипломат, ставот на Кина сега изгледа конструктивен, бидејќи Пекинг сака да се обиде да покаже дека не е усогласен со Русија, а самото присуство на Кина на разговорите покажува дека Руската Федерација станува се повеќе изолирана.

Сите присутни делегати нашироко ја поддржале тезата според која почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина „мора да се заснова на мировен договор“.

Според резултатите од состанокот во Џеда, учесниците се договориле да се создадат работни групи на теми од украинскиот „мировен план“ кој се состои од десет точки.

Некои аналитичари сметаат дека учеството на Кина во преговорите во Саудиска Арабија е сигнал за можни промени во пристапот на Пекинг кон руската агресија врз Украина, но се чини дека е тешко да се размислува за пресврт во кинеската поддршка за Москва.

Подготвено од М.Н.

About Author