10.08.2023 Скопје
Одлуката на САД за ограничување на инвестициите во Кина сериозно ги нарушува принципите на пазарна економија и фер конкуренција, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи, откако американскиот претседател Џо Бајден забрани одредени инвестиции во чувствителни технологии.
„Ова е чин што го поткопува меѓународниот економски и трговски поредок, ги дестабилизира глобалните синџири на снабдување и им штети на интересите и на Кина и на САД и на глобалната деловна заедница“, се наведува во соопштението.
Се додава дека одлуката на Бајден претставува „политизација на бизнис ангажманот“.
„Вистинската цел на овој потег е да се одземе Кина од правото на развој“, соопшти кинеското министерство.
Во соопштението се наведува дека Пекинг ги повикува САД веднаш да ги повлечат погрешните одлуки, да ги отстранат ограничувањата за инвестиции во Кина и да создадат поволна средина за кинеско-американска соработка.
Со извршната наредба, што ја издаде вчера, Бајден забрани или ограничи одредени американски инвестиции во Кина во секторот на полупроводници и микроелектроника, секторот за квантна информатичка технологија и во доменот на одредени системи за вештачка интелигенција.
Подготвено од А.Ѓ.