17.08.2023 Скопје
Виетнам и се придружува на Кина во заштитата на идеалите на Комунистичката партија и социјалистичките директиви, отфрлајќи го „мешањето“ на надворешните сили, изјави министерот за надворешни работи на Пекинг, Ванг Ји.
Вицепремиерот на Ханој, Тран Луу Куанг, вчера беше во официјална посета на кинеската провинција Јунан и оствари средба со Ванг Ји.
Изјавите доаѓаат во време на високи тензии во Јужното Кинеско Море, откако филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Јуниор минатата недела изјави дека е подготвен да работи на договор со Виетнам, чија цел е да се отфрлат кинеските територијални претензии во областа.
„Мораме заеднички да ја заштитиме безбедноста на режимот и институциите, да ги заштитиме идеалите и верувањата на партијата и социјалистичките директиви“, истакна Ванг за време на состанокот, според извештајот што го понуди кинеското Министерство за надворешни работи.
Шефот на дипломатијата на Пекинг, исто така, вети дека Кина ќе работи со земјите од Асоцијацијата на нации од Југоисточна Азија (АСЕАН), вклучително и Виетнам, за да се спротивстави на провокативното мешање од надворешни сили и да го одржи мирот и стабилноста во Јужното Кинеско Море и во регионот.
Тензиите во областа повторно се разгореа минатата недела откако брод на крајбрежната стража на Пекинг истрела со водени топови врз брод на филипинската морнарица на архипелагот Спратли, по што Маркос официјално протестираше со кинескиот амбасадор во Манила.
Згора на тоа, Кина и десетте земји на АСЕАН следната недела, токму на Филипините, треба повторно да започнат преговори за формулирање на кодекс на однесување за бродовите кои транзитираат во Јужното Кинеско Море.
Подготвено од М.Н.