17.08.2023 Скопје
Американската влада го одобри барањето на Израел за извоз на заеднички развиениот противракетен одбранбен систем Arrow 3 во Германија, соопшти израелското Министерство за одбрана.
Системот Arrow 3 беше развиен заеднички од страна на Израелската организација за ракетна одбрана и Американската агенција за ракетна одбрана, а произведен од Israel Aerospace Industries.
Министерството за одбрана на Тел Авив соопшти дека високи израелски и германски одбранбени функционери ќе потпишат договор во наредните недели и Германија ќе му плати на Израел првична такса од околу 600 милиони долари за почеток на производството.
Договорот е вреден 3,5 милијарди долари, според израелското Министерство за одбрана, а се очекува да биде потпишан до крајот на 2023 година, откако ќе бидат добиени конечните одобренија од двата парламента.
Берлин очекува системот Arrow 3 да биде испорачан во последниот квартал на 2025 година.
Arrow 3 е моментално најнапредниот израелски систем за ракетна одбрана со долг дострел, наменет да пресретнува балистички ракети додека тие се уште се надвор од атмосферата на Земјата, елиминирајќи ги проектилите и нивните нуклеарни, биолошки, хемиски или конвенционални боеви глави поблиску до нивните локации за лансирање, од далечина од до 2.400 километри (1.490 милји).
Подготвено од М.Н.