14.08.2023 Скопје
Во градот Агадир на југот на Мароко измерена е рекордна температура на воздухот од 50,4 степени Целзиусови, соопштија од Главната управа за метеорологија.
Претходната рекордна температура на воздухот од 49,9 степени Целзиусови беше измерена на 13 јули во Смара, во Западна Сахара.
Државната метеоролошка служба наведува дека ова е првпат измерената температура на воздухот во Мароко да надмине 50 степени.
Од почетокот на летото, цело Мароко е зафатено од серија топлотни бранови кои ја подигнаа температурата на воздухот на рекордно ниво.
Државната метеоролошка служба наведува дека овој топлотен бран е последица на пристигнувањето на сув и топол воздух од југ, кој предизвика забележителен пораст на температурата, надминувајќи го месечниот просек за пет до 13 степени.
Топлотниот бран во изминатите неколку дена предизвика шумски пожари на северот на земјата, во близина на Тангер и во провинцијата Тази.
Овие пожари, со ограничен обем, но поттикнати од силни ветрови, оштетија и уништија стотици хектари шума, но засега без жртви.
Европската служба Коперник претходно објави дека јули е најтоплиот месец откако се направени мерењата на температурата на воздухот.
Минатиот месец беше за 0,33 степени потопол од јули 2019 година, кој досега го држеше рекордот.
Подготвено од А.Ѓ.