10.08.2023 Скопје
Италијанците почнаа да ја наоѓаат во Албанија својата оаза не само за одмор, туку и за живеење и водење бизнис, соопшти италијанската национална телевизија од објавените официјални податоци достапни за италијанското присуство во балканската држава.
Според статистичкиот институт, во Тирана има 2.875 фирми во сопственост на Италијанци или во заедничка сопственост со албански државјани.
Овие компании сочинуваат 47 отсто од вкупниот број на странски бизниси во Албанија. 24 отсто од овие компании произведуваат стоки за широка потрошувачка, додека останатите обезбедуваат услуги.
Италијанците кои избрале да живеат и студираат во Албанија, според податоците на МВР на Тирана, се повеќе од 20 илјади. Пребројувањето се врши врз основа на издадените дозволи за привремен престој.
Што се однесува до италијанските туристи, според Институтот за статистика, во првите шест месеци од годинава бројката била 310.336, што претставува зголемување од 36 отсто во однос на истиот период минатата година.
Подготвено од М.Н.