01.08.2023 Скопје
Откако малку се намалија цените на сместувањето на хрватското приморје, од почетокот на јули повторно почнаа резервациите на капацитети, па во моментов јули е на исто ниво како лани, а севкупната сезона е подобра.
Имено, како што покажува официјалната статистика на Хрватскиот туристички одбор, во тековниот дел од годината во Хрватска се реализирани 10,5 милиони пристигнувања и 50,3 милиони ноќевања, што е за 10 отсто повеќе пристигнувања и пет отсто повеќе ноќевања од лани, додека во претходниот дел од јули имало околу 3,7 милиони пристигнувања и 23 милиони ноќевања.
Очигледно сите ја смирија топката по малку полошиот јуни и послабите резервации на почетокот на јули, што беше аларм за изнајмувачите на сместување дека мора да преземат акција. И затоа добар дел од нив кои лани или оваа пролет ги покачија цените ги намалија за исто толку. А некои мораа да одат уште подолу бидејќи годинашната „последна минута“ не е како ланската.
Лани повисоката цена значеше бидејќи се беше резервирано и тешко се добиваше соба. Годинава тоа значи намалување на цените во однос на веќе намалените бидејќи побарувачката не е толку голема.
„Што се однесува до приватното сместување, работиме со полн капацитет, сезона е сезона. За очекување беше дека ќе бидеме добро окупирани во овој дел од годината. Слушнав дека некои вили се попразни по 15 август, но, верувам дека во последен момент ги нуди и ги пополнува. Некои, за жал, ги покачија нереалните цени за 30, 40 или дури 50 проценти во однос на лани, а сега мораа да ги намалат за 60 проценти“, посочува Барбара Марковиќ од Националната асоцијација за семејно сместување.
Воедно, додаде дека поради намалувањето на цените, на море може да се забележат поголем број локални гости.
„Сега можете лесно да најдете стан во центарот на Брач за четири лица за 100 евра од ноќ. Лани таков стан беше 250 евра од ноќ. Претпоставувам дека тоа е сега попристојно ниво кое можат да си го дозволат домашните гости. Затоа ги има се повеќе“, вели Марковиќ.
Подготвено од А.Ѓ.