grcija posle pozharite

31.08.2023 Скопје

Грчките власти денеска дополнително ги зајакнаа противпожарните сили на североистокот на земјата во Еврос, каде пожарот гори веќе 13 дена и упатија предупредувања до жителите во тој реон да бидат подготвени за евентуална евакуација.

Ангажирани се повеќе од 100 дополнителни пожарникари, со што вкупниот број се искачи на 582, поддржани од 10 авиони и седум хеликоптери од девет европски земји, соопшти противпожарната служба.

Во пожарот, кој избувна на 19 август, загинаа 20 луѓе, изгореа десетици куќи, како и огромни површини со шума во регионот на Александрополис и Еврос, во близина на границата на Грција со Турција.

Пожарот во Дадија во Еврос гори веќе 13 дена, а досега изгореа илјадници хектари шумско земјиште.

Противпожарната служба соопшти дека поради пожарот во среда е наредена евакуација од Сидир и селото Џанули.

Поради силниот ветер пожарот се приближил до селото Џанули, соопшти противпожарната служба, предупредувајќи дека и денеска постои опасност од пожар во повеќе делови на Грција.

Припадниците на Државната противпожарна служба и понатаму се во општа готовност поради големиот број пожари, а патролите за воздушно набљудување продолжуваат, како и противпожарните, полициските и воените патроли.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author