slovenija poplavii

04.08.2023 Скопје

Државната метеоролошка служба издаде црвено предупредување за северниот дел на Словенија поради големите поројни поплави.

За само половина час на Крвавец наврнале 30 литри дожд на метар квадратен.

Најмногу дожд наврна во подножјето на Јулијанските Алпи и во областа кон Горењска и Корушка.

Метеорологот Бране Грегорчич изјави дека во тие региони во текот на ноќта веќе наврнале меѓу 100 и 200 литри дожд на метар квадратен, што е еднакво на месечната количина на врнежи. Воедно, додаде дека ниту капка дожд нема паднато на морето и во Бела Краина.

„Денеска го засиливме предупредувањето за северниот дел на црвено, пообилни врнежи ќе има во текот на денешниот ден, а исто така и во текот на ноќта. Тежиштето на врнежите ќе се движи од запад кон исток“, рече Грегорчич.

Најголем дел од проблемите беа на подрачјето на Корушка и Горењска, каде веќе има поплави и одрони во некои делови.

Во петок и сабота се очекува излевање на реки на истокот од земјава.

Како што информираат од сообраќајниот информативен центар, поради последиците од невремето затворени се дел од патиштата.

Грегорчич рече дека врнежите ќе почнат да слабеат дури во сабота, а ќе престанат во недела навечер. Тој посочи дека во недела ќе помине уште еден брз дожд, но дека тогаш не би требало да има некои поголеми проблеми.

„Но, имаме добри вести, следната недела времето ќе се стабилизира, во понеделник ќе има врнежи од дожд во внатрешноста, а од вторник ќе биде сончево, а во втората половина повторно ќе биде летно топло, блиску до 30 Целзиусови степени“, изјави Грегорчич.

Проблеми создаваат и бројните одрони, а во текот на ноќта најмногу проблеми имало во областите Корушка и Горењска.

Реките Градашчица и Пољанска сора веќе ги поплавија бреговите, а во текот на денот се очекува значителен поплавен бран во Савиња, Камнишка Бистрица и Градашчица.

Раководителот на регионалниот информативен центар на Горењска, Матеј Кодрич, изјави дека се предизвикани 15 одрони, дека многу патишта се непроодни, а подрумите на станбените и индустриските објекти се поплавени.

На северот на Приморска поплавени се куќи, а предизвикани се и многу одрони.

Долината Каномља е отсечена бидејќи сите патишта што водат до таму се непроодни.

Регионалниот командант на цивилната заштита Само Космач за Радио Словенија изјави дека лавините затрупале некои патишта кои се непроодни, што ја отежнува работата на спасувачите.

Најлошо е во горниот дел на Башка Грапа, каде одроните ги затворија главните сообраќајници.

Во Горна Савињска Котлина состојбата е катастрофална, а најголем проблем предизвикуваат поројните дождови кои одземаат мостови и куќи.

Жителите ширум Корушка утрово ги разбудиле алармните сирени.

Протокот на Драва на границата со Австрија во последните часови е нагло зголемен, а протокот на Меже пред вливот во Дравоград е околу 350 кубни метри во секунда.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author