30.08.2023 Скопје
Тања Фајон, министерка за надворешни работи на Словенија, изјави дека оваа година ја гледа како клучна за проширувањето на Европската унија, откако претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ја изјави 2030 година како година во која ЕУ и земјите од Западен Балкан треба да бидат подготвени.
„Сега е клучно време и затоа 2030 година не треба да се гледа како неважна. Јас на тоа гледам сосема поинаку“, рече Фајон на Бледскиот стратешки форум.
Таа додаде дека во разговорот со лидерите на Западен Балкан и министрите за надворешни работи во Блед, рекла дека за нив „многу е важно што сега има некаква временска рамка“.
Фајон посочи дека тоа ќе биде политичка одлука и дека самитот на Европската унија во декември ќе биде клучен, бидејќи лидерите на ЕУ ќе одлучат за почеток на пристапните преговори за Украина и источното соседство.
„Доколку земјите од Западен Балкан си ја завршат работата, барем во смисла да бидат убедливи во својата посветеност, ќе има доволно политички аргументи и ќе можеме да бидеме многу посмели во декември“, изјави шефот на словенечката дипломатија.
На прашањето што конкретно треба да се постигне на декемврискиот самит, Фајон рече дека има многу идеи кои ќе се формулираат во она што е реално. Меѓу другото, таа го спомна и комбинирањето на техничките разговори со „побрз пристап“, како што е охрабрување на идните членки да се „навикнат на Европската унија“ со тоа што, на пример, ќе добијат статус на набљудувач во Европскиот парламент или постепено влегување на единствениот пазар.
„Тоа може да бидат индивидуални чекори кон полноправно членство“, рече Фајон.
Таа нагласи дека Словенија е меѓу најголемите заговорници на проширувањето, додавајќи дека денешната политичка ситуација е „нова и значително различна“.
Подготвено од А.Ѓ.