supermarket

01.08.2023 Скопје

Германската Федерална канцеларија за статистика објави дека ограничувањето на потрошувачите под инфлациски притисок силно ја погодува германската малопродажба, при што трговците на мало забележаа реален пад на прометот од 4,5 отсто во првата половина на 2023 година.

Без пондери на инфлација, годишниот промет бележи пораст од 3,6 отсто. Таа разлика го илустрира растот на цените во трговијата на мало, односно инфлацијата.

Посебно настрадаа трговците на мало со храна, со реален пад на прометот од 5,8 отсто и покрај номиналниот раст од 7,6 отсто.

Цените на храната се најсилниот генератор на инфлација во последните месеци. Статистичарите наведуваат дека во последните две години трговците со храна континуирано бележат реален пад на заработката од месец во месец.

Инфлацијата ја еродира вредноста на парите и потрошувачите можат да купат помалку стоки за иста сума. Резултатот е што тие купуваат помалку и избираат поевтини производи.

Инфлацијата им зададе особено тежок удар на онлајн купувањето и испораките, кои процветаа под пандемични ограничувања. Во првата половина од годинава овој сектор бележи пад на прометот од 7,3 отсто реално и 2,6 отсто номинално.

Слично е и во трговијата на мало со градежни материјали, со пад на прометот од 6,9 отсто.

Во исто време, закрепнуваат оние кои најмногу загубија поради пандемијата – продавачите на текстил, облека, обувки и кожни производи поминаа подобро и остварија раст од реални 7,3 проценти.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author