09.08.2023 Скопје
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, изјави дека ЕУ не може да и даде безбедносни гаранции на Украина бидејќи не е воена организација.
„ЕУ ја поддржува Украина во различни сектори, вклучително и воената сфера. Ние обезбедуваме финансирање за испорака на оружје. Сепак, прашањето за безбедносните гаранции не е за ЕУ, бидејќи таа не е безбедносна организација. Ова прашање е за НАТО и одредени земји“, нагласи Стано, одговарајќи на новинарско прашање дали ЕУ ќе учествува на консултациите меѓу Киев и Вашингтон за безбедносните гаранции.
Украинскиот функционер Андреј Јермак претходно изјави дека во наредните недели Киев ќе започне консултации за безбедносните гаранции со земјите што ја потпишаа декларацијата на самитот на НАТО во Вилнус.
На маргините на самитот на НАТО што се одржа на 11 и 12 јули во Вилнус, Групата седум најразвиени земји (Г7) усвои декларација за долгорочни безбедносни гаранции за Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски подоцна објави дека 12 други земји се приклучиле на иницијативата.
Подготвено од А.Ѓ.