25.08.2023 Скопје
Заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар, денеска на вториот ден од посетата на Скопје ќе оствари средба со премиерот Димитар Ковачевски, а планирана е средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Ескобар е во дводневна посета на Република Северна Македонија, а следува по започнувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија.
Првата средба на Ескобар беше вчера со претседателот Стево Пендаровски, и на неа, како што информираше претседателскиот Кабинет, е изразено очекувањето на официјален Вашингтон дека Република Северна Македонија ќе го продолжи патот кон полноправно членство во Европската Унија.
Премиерот, министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот Бојан Маричиќ синоќа беа на работна вечера со амбасадорката на САД во државата, Анџела Агелер, и заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
По средбата Ковачевски и Ескобар ќе одржат заедничка прес-конференција во Владата на Република Северна Македонија.
Подготвено од М.Н.