08.08.2023 Скопје
Египет предложи „акционен план“ за решавање на кризата во Судан кој вклучува воени, безбедносни, политички и хуманитарни компоненти, соопшти египетскиот министер за надворешни работи, Самех Шукри.
Оваа одлука е донесена по средбата на Шукри со земјите кои граничат со Судан одржана вчера во главниот град на Чад, Нџамена, со цел да се запре конфликтот што трае повеќе од три месеци меѓу суданските вооружени сили и силите за брза поддршка.
Акцискиот план за решавање на кризата во Судан ќе биде доставен на одобрување до лидерите на соседните земји, истакна Шукри, додавајќи дека, спроведувањето на елементите од планот ќе започне веднаш по зеленото светло од лидерите на соседните земји со Судан.
По министерскиот состанок во Чад, шефот на египетската дипломатија замина во Тунис на разговори со својот колега од северноафриканската земја Набил Амар.
Подготвено од М.Н.