02.08.2023 Скопје
Американското Министерство за правда покрена обвинение против поранешниот претседател Доналд Трамп како дел од нејзината истрага за обидите да се блокира потврдата на победата на Џо Бајден на изборите во 2020 година, што кулминираше со нападот на Конгресот на 6 јануари.
Според судските документи поднесени од канцеларијата на специјалниот советник Џек Смит во федералниот суд во Вашингтон, Трамп е обвинет за четири точки за заговор и попречување на правдата.
„И покрај поразот, обвинетиот беше решен да остане на власт, а во двата месеци по изборите продолжи да шири лаги за наводна изборна измама“, се вели во обвинението.
Адвокатот на Доналд Трамп, Џон Лауро, го окарактеризира новото федерално обвинение против поранешниот претседател, во врска со наводниот обид за поткопување на исходот од претседателските избори во 2020 година, како „напад врз слободата на говорот и политиката на активизам“.
Адвокатот призна дека во оваа ситуација Трамп се потпирал на правниот совет на адвокатот Џон Истман, кој според јавното обвинителство би бил еден од архитектите на стратегијата насочена кон поткопување на исходот од гласањето.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп треба да се појави пред судот во Вашингтон утре, четврток, 3 август, откако повторно беше обвинет во истрагата за обиди да се блокира потврдата на победата на Џо Бајден на изборите во 2020 година, што кулминираше со нападот врз Конгресот на 6 јануари 2021.
Според обвинението, поднесено од канцеларијата на специјалниот советник Џек Смит, против Трамп се покренати четири точки од обвинението за заговор и попречување на правдата.
Ова е трето обвинение против Трамп, по оние кои се однесуваат на исплати на порно ѕвездата Сторми Даниелс и доверливи документи пронајдени минатото лето во неговата приватна резиденција во Мар-а-лаго, Флорида.
Подготвено од М.Н.