18.08.2023 Скопје
Данска доби дозвола од САД да ги испрати своите ловци Ф-16 во Украина по завршувањето на процесот на обука на пилоти, изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен.
„Можам да потврдам дека министерот за одбрана Јакоб Елеман-Јенсен и јас им пишавме на нашите колеги во САД за нашите опции, и добивме пријателско писмо од американскиот државен секретар Антони Блинкен, во кое ни нуди некои опции за да продолжиме напред. Тоа значи дека нема повеќе пречки за да може да се продолжи со испраќање воени авиони“, изјави Расмусен.
Овие изјави ги потврди и самиот Елеман-Јенсен, кој изјави дека донацијата (на Ф-16) на Украина е природен следен чекор по завршената обуката.
Данска и Холандија се во првите редови во обуката на украинските пилоти Ф-16. Вкупно 11 земји се приклучија на таканаречената „коалиција“ за да обезбедат образование и обука на пилоти.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 2 август објави дека обуката на украинските пилоти ќе започне овој месец.
Според украинското Министерство за одбрана, програмата за обука ќе трае најмалку шест месеци и би можела да се одржи во Данска или Холандија.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вчера на форумот во Арендал, Норвешка, изјави дека е сосема можно Украина да добие борбени авиони Ф-16 од земјите на НАТО, но конечната одлука се уште не е донесена.
Подготвено од М.Н.