16.08.2023 Скопје
Гинеколот на Клиниката за гинекологија и акушерство на Универзитетскиот клинички центар на Република Српска, Мирослав Поповиќ, истакна дека џиновските тумори на јајниците со тежина од неколку десетици килограми се многу ретка појава, тие не можат одеднаш да пораснат до такви димензии преку ноќ, а вистинска мистерија е зошто пациентите не контактираат порано со лекар, особено што операцијата во таа фаза е сложена и предизвикувачка процедура, дури и за најголемите експерти.
Поповиќ во понеделникот со тим лекари оперирал пациент од Приједор, отстранувајќи тумор тежок 23 килограми. Тоа е најтешкиот тумор што го отстранил во неговата дваесетгодишна кариера, а операцијата, како што истакна, поминала многу полесно отколку што предвидуваше пред да влезе во операционата сала.
„Овие големи тумори на јајниците, кои се појавуваат еднаш на неколку години, имаат напорна дијагностика, а операциите се предизвик на технички, хируршки и анестезиолошки план. Комплетниот тим мора да биде подготвен на се, бидејќи често може да биде адхезија со други органи. Во такви ситуации мораме да ангажираме абдоминални хирурзи, но за среќа сега не ни требаа. Операцијата на пациентот на која и извадивме тумор од 23 килограми е направена преку рез на целиот стомак и се помина многу поглатко отколку што мислевме. Таа е добро, весела, здрава и треба да си оди дома за неколку дена“, рече Поповиќ, кој сложената процедура ја изврши со колегите Андрија Баничевиќ, Ѓурѓина Момиќ и Љубомир Влајниќ, со поддршка на анестезиолозите и инструментарите од УКЦ.
Тој нагласи дека џиновските тумори се обично бенигни или со низок малиген потенцијал, со релативно добра прогноза.
„Се надевам дека ќе дојде добар наод за оваа пациентка, која е релативно млада, има 34 години. Имаше две породувања со царски рез, релативно е образована и изненаден сум што дозволи туморот толку да порасне, просто необјасниво зошто пациентите се доведуваат во ваква ситуација. Иако вели дека стомакот и растел последните три месеци, таквите тумори треба да растат повеќе од една година за да ги достигнат тие димензии. Ги повикувам граѓаните што поскоро да се обратат на лекар како што забележуваат промени во телото, а не да го туркаат проблемот под тепих и да се надеваат дека сам ќе си помине“, предупредува Поповиќ и додава дека раното откривање е најдобриот прогностички фактор за сите малигни заболувања.
Благодарение на современата дијагностика, Поповиќ вели дека денес навреме се откриваат голем број тумори.
„Немам веродостојни податоци дали се зголемува бројот на жени кои се разболуваат, тоа бара посебни анализи, но сигурно има повеќе пациенти кои се лекуваат благодарение на подостапната дијагностика. Во последните неколку години во УКЦ ние ја добивме сета современа опрема што се користи во светот. Немаме само робот кој не ни е потребен. Во клиничката пракса ги воведовме ендоскопските операции кои не ги вршат ниту многу поголеми центри во регионот. Дури 50 проценти од гинеколошката програма се изведува ендоскопски. Ова е огромна предност за пациентот бидејќи побрзо закрепнува и пократко останува во болница и трпи помалку болки. Да не зборуваме за финансиската заштеда“, рече Поповиќ.
Мирослав Поповиќ истакна дека на Клиниката за гинекологија и акушерство на Универзитетската болница во просек дневно се прават по десет операции.
„Речиси 90 проценти од операциите што се вршат во светот ги правиме ние. Имаме стручен кадар, добра опрема и сериозен пристап. Кога ќе се појави нов метод, многу брзо некој од нас оди на обука и го применуваме овде“, уверува Поповиќ.
Подготвено од А.Ѓ.