Image by freepic.diller on Freepik

01.08.2023 Скопје

Податоците на европската статистичка агенција Евростат покажуваат дека економската активност во еврозоната благо порасна во вториот квартал, откако стагнираше во првите три месеци од оваа година, но се уште е под притисок на тешкотиите во Германија и високата инфлација.

Според првата проценка на Евростат, бруто домашниот производ (БДП) на 20-те земји кои ја делат единствената европска валута порасна за 0,3 отсто во периодот меѓу април и јуни.

БДП на еврозоната стагнираше (плус нула проценти) во првиот квартал, покажуваат ревидираните податоци на „Евростат“, кој претходно објави дека во првиот квартал е забележан пад на економската активност од 0,1 процент, што означува техничка рецесија.

Резултатите од еврозоната беа погодени од лошата перспектива за Германија, најголемата европска економија. Германскиот БДП забележа нула раст помеѓу април и јуни по последователните падови од 0,4 отсто и 0,1 отсто во претходните квартали.

Италија, исто така, забележа неочекуван пад на БДП (-0,3 отсто) под влијание на забавувањето на инвестициите поради растот на каматните стапки. Пад забележа и економската активност на Шведска (-1,5 отсто), Летонија (-0,6 отсто) и Австрија (-0,4 отсто).

Сепак, две големи европски земји забележаа посилни остварувања, Франција имаше раст од 0,5 отсто, наспроти 0,1 отсто во првиот квартал, многу повеќе од предвиденото, додека Шпанија имаше побавен раст, но во позитивна сфера (+0,4 отсто) ја поддржа потрошувачката.

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, изјави дека европската економија може да се соочи со тешка втора половина од годината, укажувајќи на „влошување“ на изгледите.

Европската централна банка, чиј главен фокус е борбата против инфлацијата, минатата недела одлучи да ја зголеми референтната каматна стапка за 0,25 процентни поени, деветти последователен пат, иако навести дека може да паузира во зголемувањето на каматните стапки.

Факт е дека инфлацијата во еврозоната е далеку над целта два отсто на таа институција.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author