30.08.2023 Скопје
Проширувањето на Европската унија со вклучување на Западен Балкан може да дејствува како движечка сила за реформските процеси во регионот, но исто така служи и за задоволување на поголемата потреба на ЕУ за безбедност, се зацрта на Стратешкиот форум во Блед, Словенија.
Министерката за надворешни работи на земјата домаќин на Форумот, Тања Фајон, објасни дека по војната во Украина, но генерално во последните години, во Советот владее поинаква атмосфера, постои свест дека може да се прошири на Балканот.
Вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Марија Габриел, истакна дека проширувањето може да биде мотор за реформи, но дека треба и капацитет за дејствување на ниво на ЕУ.
Шефот на хрватската дипломатија, Гордан Грлиќ Радман, јасно изјави дека никој не е позаинтересиран од Загреб за интеграцијата на Западен Балкан.
Проширувањето во „непосредното соседство“ на Хрватска треба да продолжи да се заснова на сегашните критериуми, имајќи ги предвид новите околности, како што е руската агресија врз Украина, истакна Грлиќ Радман, додавајќи дека, отворањето на пристапот за Босна и Херцеговина треба да се случи на крајот на оваа или почетокот на следната година.
Меѓу гостите на Форумот беше и министерката за европски прашања на Франција, Лоренс Бун, која подвлече колку е фундаментално проширувањето на ЕУ за безбедноста на континентот.
Дека проширувањето е во интерес на Брисел, подвлече и министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
„Мора да бидеме брзи, да му дадеме приоритет на проширувањето“, предупреди шефот на дипломатијата во Будимпешта, и додаде дека не е добра одлуката со која не дозволија Бугарија и Романија да влезат во Шенген зоната.
Од друга страна пак, специјалниот пратеник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, потсети дека фактот што Брисел сака да биде подготвен до 2030 година за проширување кон регионот, не значи дека тоа е исклучиво негова одговорност.
На министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, важно е да се спротивстави на „големото не“ на каква било дискусија за идентитетот во процесот на интеграција.
Додека пак неговиот српски колега Ивица Дачиќ, кој го поздрави предлогот што на Форумот го даде претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, „Брисел да биде подготвен за проширување до 2030 година“, истакна дека, сепак ЕУ мора да ги исполни своите ветувања кон Србија.
Подготвено од М.Н.