gabon armija

30.08.2023 Скопје

Група високи воени офицери во Габон утринава на националната телевизија објавија дека армијата ја презела власта, откако изборното тело на земјата објави дека претседателот Али Бонго освоил трет мандат.

Воените лица рекоа дека зборуваат во име на сите безбедносни и одбранбени сили во централноафриканската држава. Најавија дека резултатите од изборите се поништени, сите граници се затворени до дополнително известување и распуштени државните институции.

Во главниот град Либревил може да се слушнат силни пукотници.

„Во име на народот на Габон, решивме да го браниме мирот со ставање крај на сегашниот режим“, рекоа офицерите.

Во земјата е воведен полициски час, а блокиран е и интернет пристапот. Изборната комисија соопшти дека Бонго освоил нешто помалку од две третини од гласовите на изборите, за кои опозицијата тврдеше дека биле фалсификувани.

Неговото соборување ќе го означи крајот на 53-годишното владеење на неговото семејство.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author