holivuddd

03.08.2023 Скопје

Лидерите на синдикатот на холивудските сценаристи ги информираа дека планираат да разговараат за продолжување на преговорите со претставниците на студиото по првиот официјален контакт меѓу двете страни пред три месеци кога започна штрајкот.

Здружението на сценаристи на Америка (WGA) објави во е-пошта дека шефот на Алијансата на филмски и телевизиски актери и продуценти (AMPTP), кој ги претставува главните студија, стриминг сервиси и продукциски компании во преговорите, побарал состанок за во петок да разговараат за продолжување на разговорите.

„Ќе ја продолжиме комуникацијата со вас по тој состанок, кога ќе имаме повеќе информации. Како што веќе наведовме, свесни сме дека има гласини. Секогаш кога ќе има некоја важна информација, ќе ја слушнете од нас“, се наведува во соопштението.

Не е јасно дали се преземени некакви чекори кон водачите на штрајкот на холивудските актери, кои ја прекинаа работата подоцна од сценаристите, на 14 јули.

Запрашан за очекувањата од разговорите со претставниците на двете групи штрајкувачи, портпаролот на АМПТП во писмен одговор изјави дека се посветени на изнаоѓање договор кој би бил корисен за двата синдикати.

Преговорите меѓу сценаристите и нивните работодавци пропаднаа на 1 мај, блокирајќи ја работата во Холивуд.

Некои од причините за штрајкот се односот на платите и инфлацијата, помалите тимови за пократки сезони на серии, како и контролата врз вештачката интелигенција при пишувањето сценарија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author