11.07.2023 Скопје
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека би било „апсурдно доколку на Украина не и се понуди временска рамка за членство во НАТО на самитот на Алијансата во Вилнус“.
Зеленски на својот профил на Телеграм напиша: „Невидено и апсурдно е што не е поставена временска рамка, ниту покана на НАТО за членство на Украина. Во исто време се дава нејасна формулација за „условите“ за покана на Украина“.
Тој додаде дека ако продолжи неизвесноста за членството на Украина во НАТО, „тоа може да и даде на Русија мотив да продолжи со својот терор“.
„Неизвесноста е слабост. И за тоа отворено ќе зборувам на самитот“, напиша Зеленски кој го потврди учеството на самитот на НАТО што се одржува во главниот град на Литванија.
Пристигна првата реакција на Белата куќа на лутиот коментар на Зеленски за НАТО.
„Украина треба уште да исполни голем број услови за да може да се приклучи на НАТО“, изјави денеска Џон Кирби, советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден.
Кирби изјави дека САД верува дека НАТО е иднината на Украина и дека тоа е нешто на кое Алијансата се има согласено да го поддржи во 2008 година.
„Сега има реформи – добро владеење, владеење на правото, политички реформи – на кои Украина треба да работи, и ние разбираме дека е тешко да се работи на некои од тие реформи кога сте во војна. Се разбира, тие се во војна. Членството во НАТО во блиска иднина затоа не е веројатно бидејќи тоа би го ставило НАТО во војна со Русија“, додаде тој.
Сепак, Кирби призна дека ги разбира фрустрациите на Зеленски, пишувајќи: „Неизвесноста е слабост. Да, има фрустрации, желби за брзо завршување на оваа војна, ние го разбираме сето тоа“.
Подготвено од А.Ѓ.