04.07.2023 Скопје

Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека одговорот на рускиот претседател на вооружениот бунт на „Вагнер“ е слаб и дека претседателот на Русија ја губи контролата врз сопствениот народ.

„Целата таа вертикална моќ, што некогаш ја имаше, сега пропаѓа“, вели Зеленски.

Тој наведе дека украинските разузнавачки извештаи покажуваат дека Кремљ ја мери поддршката на шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, додавајќи дека половина од Русија го поддржува бунтот на таа приватна воена група.

Кога станува збор за руско-украинскиот конфликт, Зеленски истакна дека крајната цел на Киев е ослободување на Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година.

Зеленски рече дека украинската армија напредува во својата контраофанзива за враќање на територијата окупирана од Русите, и покрај тоа што се соочува со тешкотии.

„Минатата недела беше тешка на фронтот. Но, постигнавме напредок“, напиша Зеленски на „Телеграм“.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека предусловите за влез на Украина во НАТО може да се дефинираат само по завршувањето на војната.

„Најважно за Украина е да победи. Условите за завршување на војната за агресија, која е спротивна на меѓународното право, можат да ги утврдат само Украинците. Ќе ја поддржуваме Украина се додека е неопходно да се одбрани од бруталните руски напади“, изјави Писториус.

„Унгарската влада е категорична дека за членството на Украина во НАТО не може да се разговара се додека во таа земја продолжува вооружениот конфликт“, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

На заедничка прес-конференција со неговиот словачки колега Мирослав Влаховски дали Украина може да добие покана за НАТО на самитот на Алијансата во Вилнус на 11-12 јули, Сијарто рече дека „тоа не доаѓа во предвид“.

Писториус се заложи преговорите за формирање во Полска центар за одржување и поправка на оштетените тенкови „Леопард“, кои и беа доставени на Украина, да завршат во следните 10 дена.

Во изјавата за јавноста по разговорите со полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак во полскиот град Замошк, Писториус не одговори на барањето на Полска да го продолжи до крајот на годината распоредувањето на три германски единици за воздушна одбрана „Патриот“ во градот, кои беа распоредени во јануари за период од шест месеци.

Договорот за продолжување на распоредувањето на три германски единици за противвоздушна одбрана во Полска се задржува со посебни преговори за формирање центар за одржување во Полска за тенковите Леопард оштетени во Украина.

Во преговорите за центарот за одржување се вклучени германски и полски компании, како и владите на двете земји, а главните проблеми во преговорите се на страната на компаниите.

Најмалку едно лице загина денеска во градот Суми, на северот на Украина, кога руски дрон удри во станбена зграда, соопшти шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак. Тој на „Телеграм“ напиша дека дронот удрил во петкатница.

Воздухопловните сили на Киев претходно известија дека собориле 13 од 17-те ирански дронови Шахид лансирани од Москва во текот на ноќта во посебен напад.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *