29.07.2023 Скопје
Во иднина, Украина, Божиќ наместо на 7 јануари, како што беше досега, ќе го слави на 25 декември, во согласност со законот што во текот на вчерашниот ден го потпиша претседателот Володимир Зеленски.
„Украинскиот народ одамна е подложен на руската идеологија во речиси сите аспекти на животот, така што Божиќ се славеше според јулијанскиот календар, на 7 јануари“, се вели во образложението на текстот што пратениците го изгласаа во средината на јули.
Во текстот се вели и дека „силното заживување на украинската нација продолжува. Постојаната борба за сопствениот идентитет придонесува за свеста и желбата на секој Украинец да го живее својот живот во согласност со традицијата и сопствените празници“.
Поместувањето на Божиќ е последниот во серијата потези што Украина ги презеде во последниве години за да се дистанцира од Москва, вклучително и преименување на улици и градови кои потсетуваат на советската ера.
Законот го отсликува јазот кој со години постепено расте меѓу црквите во Киев и Москва, а дополнително се влошуваше со војната.
Иако беше под верска заштита на Русија неколку векови, Украинската православна црква беше прогласена за автокефална и независна од Московската патријаршија во 2019 година.
Подготвено од А.Ѓ.