https://api.ndla.no/image-api/raw/1024px-flag_of_nato.svg_.png?

11.07.2023 Скопје

Лидерите на земјите членки на НАТО денеска се собраа во Вилнус на дводневен самит на Алијансата, на кој ќе се занимаваат со широк спектар прашања, а главна тема ќе биде како членките ќе одговорат на барањето на Украина за влез во НАТО.

Дополнително, претставниците на членките на НАТО ќе се осврнат и на прашањето за членството на Шведска, на што Турција се противи, а Унгарија исто така има свои резерви.

Самитот започна околу осум часот наутро, кога се одржи воведна средба со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Во 12 часот се очекува средба на генералниот секретар на НАТО и претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден, по што Столтенберг и претседателот на Литванија, Гитанас Наузеда лично ќе го поздрават секој шеф на државите и владите.

Во 13 часот ќе започне состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови и држави, на кој ќе присуствува и Шведска.

Воведниот говор ќе го има генералниот секретар на Алијансата, а насобраните ќе ги поздрави и литванскиот претседател.

Во текот на денот ќе се одржи церемонијата на потпишување на Декларацијата за соработка во воздушниот простор на Естонија, Латвија и Литванија.

Во 16:30 часот се очекува прес-конференција на генералниот секретар Столтенберг, како и состанок на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за надворешни работи, со кој ќе претседава заменик генералниот секретар на НАТО.

На состанокот ќе присуствуваат претставници на Шведска, Босна и Херцеговина, Грузија, Молдавија и заменик генералниот секретар на Европската унија за заедничка безбедносна и одбранбена политика.

Ќе се одржи и состанок на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана, на кој ќе присуствува и претставник на Шведска.

Во 18:00 часот во претседателската палата во Вилнус ќе започне вечерата на шефовите на држави и влади, а во 19 часот ќе започне вечерата на шефовите на дипломатиите и министрите за одбрана.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author