20.07.2023 Скопје
Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија издаде предупредување поради можно лошо време до 22 јули.
„Пределот од Алпите, преку Западен Балкан и Србија до регионот на Карпатите се очекува силна активност на грмотевици до сабота навечер (22.07). Развојот на суперклеточните облаци локално ќе биде многу силен и брзо се движи од запад-северозапад кон исток со појава на голем град (пречник од пет см), краткотрајни бурни налети на ветерот (24 м/с) и изолирани налети на урагани (28 м/сек)“, се наведува во предупредувањето.
Од РХМЗ наведуваат дека е тешко однапред да се одреди точната локација на започнување, движење и јачина на невремето, па поради оваа причина за конкретни локации ќе биде издадено итно предупредување за грмотевици еден до два часа однапред.
Како што се наведува во соопштението, денеска се очекува благ пад на дневните температури, но во петок и сабота повторно се очекуваат вредности од 35 до 38 степени во јужните и делумно во централните делови од земјава.
По краткотрајното освежување во недела, на почетокот на следната недела од 24 до 26 јули се очекува нов продор на многу топол воздух од северот на Африка, кој ќе услови температури околу 40 степени.
Подготвено од А.Ѓ.