10.07.2023 Скопје
Авиокомпанијата WizzAir планира да укине или привремено да прекине неколку линии од три пазари на поранешна Југославија.
Според WizzAir, летот од Ниш до Малме ќе биде откажан во Србија, во БиХ ќе се откажат летови од Бања Лука до Стокхолм и Хамбург, додека во Црна Гора ќе се откажат летови од Подгорица за Рим и Виена. Сите линии ќе бидат откажани до крајот на оваа летна сезона, поточно до 28 октомври, и истите ќе бидат повторно активни од следното лето.
Wizz Air ќе ги прекине летовите меѓу Ниш и Малме во текот на зимските месеци, а последниот лет во годината треба да се одржи на 27 октомври.
Рутата беше задржана во текот на претходната зимска сезона, меѓутоа, превозникот ги суспендираше летовите меѓу двата града во минатото, како што беше случајот во 2019 година. Малме беше првата дестинација на Wizz Air од Ниш.
Исто така, „WizzAir“ нема да лета за Малме во претстојната зимска сезона поради оперативни причини, но се очекува да продолжи да ја одржува услугата сезонски. Како што беше претходно најавено, Wizz Air ќе ги зголеми операциите од Скопје и Белград во претстојната зимска сезона.
Кога станува збор за БиХ, Wizz Air ќе ги откаже летовите од Бања Лука до Стокхолм, а последната линија е планирана за 28 август. Покрај тоа, летовите од Бања Лука до Хамбург ќе бидат откажани на крајот на летната сезона на 28 октомври.
Од друга страна, Wizz Air ќе ги одржува операциите од Бања Лука до Базел и Дортмунд оваа зима.
Исто така, компанијата планира и оваа зима да прекине две линии од Подгорица. На крајот на октомври ќе бидат прекинати летовите од главниот град на Црна Гора до Рим Фиумичино и Виена.
Двете линии ќе бидат обновени за време на летната сезона во 2024 година, која започнува на 31 март следната година.
Подготвено од А.Ѓ.