voda

18.07.2023 Скопје

Италијанското Министерство за здравство денеска објави циркуларно писмо до сите региони во земјата во врска со итните мерки што треба да се преземат поради топлотниот бран што ја зафати оваа земја.

Мерките вклучуваат, особено, деноноќно работење на локалните клиники секој ден во неделата, вклучувајќи ги викендите и празниците, зголемување на дежурниот персонал во сите здравствени установи, како и продолжување на работата на регионалното здравство.

Целта на овие мерки е да им се помогне на сите пациенти од ризичните групи со домашно лекување со цел, по можност, да се симне товарот од ургентните одделенија на клиниките и болниците, кои се очекува наскоро да се соочат со наплив на луѓе поради екстремните горештини.

Италијанската метеоролошка служба претходно денеска предупреди дека оваа недела може да биде најжешката во историјата на земјата. Температурата денеска достигна 40 степени Целзиусови на 60 отсто од територијата на Италија. Сепак, се стравува дека температурата ќе се искачи до 47 степени во многу италијански региони и до 48 степени на островот Сардинија.

Италијанското Министерство за здравство претходно објави највисоко ниво на „црвена“ тревога во 20 од 27-те најголеми градови во Италија, вклучувајќи ги Рим, Болоња, Неапол, Венеција, Палермо, Месина и Каљари. Ова ниво на тревога претставува итна ситуација во која има сериозни здравствени ризици за сите луѓе, без оглед на возраста и здравствената состојба.

Најсериозна опасност по здравјето на луѓето се очекува во Рим, Фиренца и Болоња, како и во голем број градови на југот на Италија. Метеоролозите очекуваат исклучителен топлотен бран со висока влажност, сончево зрачење и загушување. Во такви услови лекарите препорачуваат луѓето да не излегуваат надвор во најтоплиот дел од денот и да консумираат најмалку два литра вода дневно.

Одделот за цивилна заштита во Рим денеска соопшти дека ќе постави 28 пунктови за итна медицинска помош за жителите и туристите, бидејќи се очекува температурата да достигне 42-43 степени Целзиусови. Шефот на Цивилната заштита Џузепе Наполетано рече дека околу 80 припадници на специјалните сили, вклучително и професионалци за цивилна одбрана и здравствени работници и работници од Црвениот крст, како и доброволци, утре ќе бидат на должност во различни делови на Рим.

Тој додаде дека во близина на Колосеумот бесплатно ќе се делат шишиња минерална вода.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author