21.07.2023 Скопје
Грчките власти наредија евакуација на одредени населени места во западниот дел на Атина поради големиот пожар и силните ветришта што го разгоруваат.
Градот Лутраки, на 80 километри од Атина, е еден од најзагрозените од пожарот, бидејќи пожарот го прекина водоснабдувањето на тој крајбрежен град.
Локалната противпожарна служба соопшти дека пожарникарите изгубиле контрола над пожарот вечерта на 20 јули кога се засилил ветерот и дека од пред три дена во пожарот изгореле 35 квадратни километри шуми и грмушки, рурални имоти и други земјоделски површини.
Вонредна состојба е прогласена на островот Родос, каде се издадени наредби за евакуација на неколку планински области.
Противпожарната служба на Грција го интензивираше гаснењето на бесниот пожар со авиони кои пристигнаа на помош од Франција и Италија.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави дека противпожарната служба и цивилната заштита ќе бидат во подготвеност поради најавата дека топлотниот бран ќе се прошири во поголем дел од земјата.
Временските прогнози предвидуваат дека во недела температурите во Грција би можеле да достигнат до 45 Целзиусови степени.
Претходните денови противпожарните и спасувачките екипи како и армијата ги гасеа пожарите кои избувнаа на повеќе локации во Грција, во источна Атика, Капарела, Лутраки и Дервенорија, а повеќе од илјада деца беа евакуирани од летен камп.
Пред десетина дена пожар избувна и на поширокото подрачје на манастирот Велика Лавра, во пошумениот дел на Света Гора.
Подготвено од А.Ѓ.