srpska vojska 123

24.07.2023 Скопје

Соединетите Американски Држави (САД) испорачаа 66 лесни оклопни возила Humvee на Армијата на Србија.

Возилата се набавени преку директен комерцијален договор со американската компанија АМ Џенерал. Ова е прва транша од вкупно 118 нарачани возила.

На Инстаграм каналот на Амбасадата на САД во Србија пишува дека возилата се во касарната во Панчево и ќе се користат, меѓу другото, и за учество во меѓународни мировни мисии.

„Ова не се само американски возила, ова е стандард на НАТО. Кога ќе видите со кого е распоредена српската армија во мировни мисии, а партнерите во Либан се Шпанија и Италија, а на Синај тоа се САД, заедничко ни е стандардот на НАТО. Поседувањето такви возила и овозможува на Србија да биде дел од која било мировна мисија, брзо да реагира, кко и да биде распоредена рамо до рамо со своите партнери“, наведува Амбасадата на САД.

Во соопштението се додава дека оваа најнова набавка ќе и овозможи на Србија не само да биде ефикасна во мировните операции во светот, туку и дека е „одличен прв чекор“ за постигнување интероперабилност со американската армија.

Балканската безбедносна мрежа дознава дека првите испораки на нови Хамви почнале на крајот на јуни преку белградскиот аеродром и се работи за чисто комерцијален бизнис, за разлика од првата транша од пред десет години, кога САД донираа голем број од овие возила.

Во 2012 и 2017 година, САД на Армијата на Србија и дадоа вкупно 40 возила од овој тип, а Армијата ги користеше главно во тогашната Специјална бригада (баталјон во Панчево) и во 31. пешадиски баталјон од Зајечар, дел од Третата армиска бригада.

Хамви е повеќенаменско лесно оклопно борбено возило на тркала, кое е многу популарно и го користат многу армии во светот и речиси сите формации низ Србија. Поради релативно слабата оклопна заштита, Humvee главно се користи во специјални или воено-полициски единици, како и за учество во мировни операции.

Според официјалните податоци, од почетокот на производството пред околу четири децении, повеќе од 280.000 примероци од овие возила ја напуштиле фабриката во речиси 50 воени, полициски, медицински и цивилни верзии.

Вакви возила за првпат беа користени во Србија во рамките на сега распуштената Единица за специјални операции (ЕСО) на Одделот за државна безбедност, која ги набави во 1990-тите.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author