27.07.2023 Скопје
Војската на Претседателската гарда на Нигер, која утринава изврши државен удар против претседателот Мохамед Базум, најави разрешување на шефот на државата, формирање Национален совет за заштита на татковината, затворање на копнените граници и прогласување на ноќен полициски час од 22 до 5 часот.
Претседателот на Нигер, Мохамед Базум е задржан во палатата во главниот град Ниамеј од претседателските гардисти, а регионалните лидери организираа брза посредничка мисија за да се обидат да спречат уште едно потенцијално грабање моќ во Западна Африка.
Соединетите Американски Држави повикаа на ослободување на претседателот, додека Европската унија, Обединетите нации, Франција и други го осудија бунтот и со загриженост ги следат настаните.
Локалните медиуми соопштија дека во нападот има и повредени лица бидејќи припадници на Претседателската гарда испукале предупредувачки истрели за да ја растераат толпата која што се собра пред парламентот да бара ослободување на претседателот Мохамед Базум.
Подготвено од М.Н.