shvedska evropa

15.07.2023 Скопје

Шведската полиција одобри собир на кој три лица планираат да запалат по еден примерок од Библијата и Тора пред израелската амбасада во Стокхолм, а Израел веднаш ја осуди одлуката.

Во барањето испратено до полицијата, организаторот наведува дека сака да ги запали тие верски книги како одговор на палењето на Куранот организирано во јуни пред џамија во Стокхолм, што ги разбесни муслиманите ширум светот.

Релито треба да се одржи денес помеѓу 13:00 и 14:00 часот по локално време.

Полицијата истакна дека не издала одобрение за официјално барање за палење верски книги, туку одобрила јавен состанок на кој ќе се изнесе „одредено мислење“ во однос на уставното право на слобода на собирање.

„Таа разлика е важна“, додаде Карина Скагерлинд, портпаролка на полицијата во Стокхолм.

Собирот, сепак, предизвика остри критики на Израел и еврејските организации.

„Го осудив палењето на Куранот, свет за муслиманите ширум светот, а денес душата ме боли од помислата дека истата судбина ја чека и еврејската Библија, вечната книга на еврејскиот народ“, реагираше израелскиот претседател Исак Херцог.

Јаков Хагоел, претседател на Светската ционистичка организација, оцени дека издавањето ваква полициска дозвола не е „слобода на говор, туку антисемитизам“.

На 28 јуни, Ирачанец кој избега во Шведска запали неколку страници од Куранот пред главната џамија во Стокхолм на Курбан Бајрам, празник што го слават муслиманите.

Настанот предизвика низа реакции во муслиманскиот свет, а Советот за човекови права на ОН во средата донесе резолуција со која го осудува палењето на Куранот и изразувањето на верска омраза.

Некои, главно западни, се спротивставија на донесувањето на законот за богохулење, но јасно ги осудуваат ваквите постапки.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author