14.07.2023 Скопје
Екстремните горештини во Индија го погодуваат земјоделството, а особено се погодени посевите со домати.
Доматите станаа толку скапи што на продавниците им требаат телохранители за да ги заштитат.
Цените во последните недели пораснаа за 400 отсто, а килограм сега чини повеќе од литар бензин.
Обилните врнежи и топлотните бранови предизвикаа поројни поплави и лизгање на земјиштето во последните недели во Индија. Неповолните временски услови исто така предизвикаа земјата да се соочи со сериозен недостиг на домати бидејќи и посевите се уништуваат од болести.
Цените во поголемите градови како Мумбаи и Делхи пораснале од 40 рупии или 0,44 евра за килограм на повеќе од 160 рупии или 1,76 евра, пишува „Гардијан“. Само неколку месеци претходно комерцијалната цена на доматите падна на помалку од 0,02 евра.
Како клучна состојка во многу индиски јадења, многу домаќинства сега се свртуваат кон конзервирана стока. Дури и синџирот за брза храна „Мекдоналдс“ објави дека повеќе не служи домати.
Високите цени, исто така, ги натераа крадците да ги таргетираат фармите и камионите за испорака.
Подготвено од А.Ѓ.